
Во канцеларијата на Народниот правобранител знаат дека инспектор од СВР Битола го тепал Душко Илиевски додека бил приведен во полициската станица.
За ќотекот со кој полицаецот го принудувал како што вчера тврдеше Душко да потпише признание дека на нивата одгледува марихуана, од канцеларијата на правобранителот разбрале лично од фармерот кога го посетиле додека бил во истражниот затвор.
“Сеуште чекаме одговор од полицијата. Ако не не информираат ќе испратиме ургенција до МВР“ велат од канцеларијата на народниот правобранител.
И додека правобранителот чека одговор од полицијата, портпаролот на СВР Битола ја демантира изјавата на Душко Илиевски.
“Со столица ме удри Вангел инспекторот“ сведочеше Душко Илиевски
“Тоа е трагично за нашиот демократски систем, трагично е во водење на кривична постапка да се изнудува признание. Тоа за нас е веќе фрлено во буништата, тоа е едно минато време кога се изнудуваа искази“, рече адвокатот Ѓоргиев.
“Јас ќе испитам, ќе видам. Доколку има некакви злоупотреби и пречекорувања на овластувања на службените лица, секако дека ќе преземеме законски мерки“, рече обвинителот Аневски.
Откако државниот обвинител утврди дека нема организирано призводство на марихуана на нивата на Илиевски и го врати предметот на одлучување во битолското обвинителство,фармерите излегоа од притвор.Сега истрагата преку вештачење на дивиот коноп треба да утврди дали Илиевски го одгледувале како што тврдеше полицијата или сам расте по цело Градско поле.