|
 Белгискиот премиер Ив Летерм по враќањето од Балканот порачува дека Белгија не се кае за одлуката за укинување на визите, но оти искуството со економските бегалци може да влијае врз следниот бран визна либерализација. - Мислам дека вокацијата и иднината на овие земји е во Европската унија, во европската интеграција. Укинувањето на визите е важен чекор, не жалам за тоа, но ова искуство ни покажува дека оваа одлука треба да биде добро подготвена, но и придружувана од други мерки, вели Летерм во интервјуто за Дојче Веле - програма на македонски јазик. Тој додава дека со македонската и српската влада вложиле напор во засегнатите региони да им стават на знаење на граѓаните дека нема никаков смисол да емигрираат кон Белгија за да останат таму и оти барањата за азил нема никаква шанса да бидат исполнети. - Со засегнатите влади се договоривме за враќање на луѓето и за нивната реадмисија од страна на надлежните власти. Значи напорот е двоен – сензибилизација на населението и обврска за враѓање на српските и македонските граѓани од страна на властите, вели белгискиот премиер. Тој е уверен дека бранот баратели на азил ќе се намалува во наредните месеци и додава дека веќе има првични резултати. - Има голем пад на бројот на барања за азил. Бројот за Србија и Македонија е паднат речиси на нула, ќе внимаваме како еволуираат бројките, ако има потреба ќе сториме нешто.
Но, мислам дека работите се јасни како за Србите, така и за Македонците - нивната иднина не е во Белгија и немаат корист од барање политички азил, а притоа не треба да дозволат да бидат манипулирани од злонамерни луѓе кои сакаат да ја искористат нивната тешка економска ситуација, истакнува Летерм
|