|
 Нивото на Охридското Езеро се покачи за уште еден сантиметар и денеска се наоѓа на 25 сантиметри над максимално дозволената кота 693,75 метри, достигнувајќи рекордно ниво од 694 метри надморска височина. Тоа се должи на врнежите од снег што во текот на вчерашниот ден го зафатија регионот чие топење значи нов дотек на вода во езерскиот басен. Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, во периодот од утре до среда се очекуваат нови врнежи од снег, што секако дополнително ја усложнува ситуацијата. Независно неповолните прогнози на метеоролозите, од Координативното тело за превенција од природните непогоди со смирувачки пораки дека состојбата во врска со водостојот на Охридското Езеро и останатите критични места каде се можни излевања на реките континуирано се следи, како и оти ситуацијата на терен засега е стабилна и под контрола. Превентивно во Охрид на повеќе локации во централното градско подрачје се поставени десет илјади вреќи со песок, а покрај оштетениот регионален пат Охрид - Свети Наум кај Пештани во езерото се поставени крупни камења за разбивање на бранови. Неколку илјади вреќи со песок се поставени и во струшките села Калишта и Радожда, додека на критичните делови на регионалниот пат Струга - Дебар се гради петметарски насип во должина од 360 метри што треба да спречи натамошно излевање на реката Црн Дрим на коловозот. Инаку, неповолната хидролошка состојба најмногу ги загрозува жителите на туристичката населба Пештани каде покрај покачените подземни води, проблем претставуваат и надојдените извори. Вода буквално извира од земјата и се слева од карпите што се наоѓаат над селските куќи.
Жителите на селото се обидуваат со ископување канали да се спасат од поплавување. Натопената почва со вода предизвикува попуштање и на потпорните ѕидови, а жителите стравуваат и од лизгање на земјиштето. Септичките јами се преполни, а активностите на ЈП „Охридски комуналец“ за нивно чистење многу не помогнаа затоа што тие веднаш по празнењето повторно се полнат со подземни води.
|