|
Комитетот за следење на ситуацијата на лицата кои бараат азил од Македонија, кој беше формиран ден претходно од Владата на Македонија, констатира дека е намален бројот на државјани на Македонија кои бараат азил во земјите на ЕУ.
 Членовите на овој Комитет на првата одржана седница констатирале дека заминувањето на граѓаните, претежно Албанци за Белгија е последица на дезинформација и манипулација. Како што велат од МНР, државните институции, конзуларните претставништва на Македонија и надлежните органи во земјите на ЕУ ќе преземат соодветни мерки за спречување на злоупотребите од укнувањето на визите. По најавата дека се затворени туристичките агенции за кои постои сомнеж дека ги манипулирале граѓаните за да ги однесат во земјите на ЕУ, министерот за економија Фатмир Бесими истакна дека е затворена и туристичката агенција „Скај Вим АБ Скопје„ која работела без лиценци. За ова агенција која организираше патување кон земјите на ЕУ постоеше сомневање дека е во сопственост на пратеникот Амди Бајрам.
“При оваа контрола исто така е констатирано дека не ги исполнуваат условите, немаат ниту лиценци, работат значи надвор од законската рамка, тие ќе бидат затворени. Потпишано е решение за затворање на овие субјекти, но вие знаете, ние пред една недела објавивме дека инспекторите треба прво со укажување, потпишуваат решение, согласно процедурата и Законите има можност за жалба на тоа решение. Врз основа на тоа, ако жалбата не се прифати, а тоа денеска се информирав дека е констатирано, решението станува правосилно“, рече министерот Бесими.
Пратеникот Амди Бајрам негира дека стои зад организирањето на заминувањето за граѓаните во земјите на ЕУ.
“Не стојам ни зад тоа ни со тоа, немам коментар за тоа. На ромскиот народ не треба толкава етикета да му ставате затоа што ромскиот народ, треба да проверите, во Европа, во Брисел дали има еден Ром емигрирано или еден Ром има побарано азил, а ромскиот народ не бара азил, не треба етикета да му ставате. Видовте кој бара азил, бараат од Куманово, од таа страна, други од Тетово..“рече Бајрам.
По големиот број на лица кои бараа азил во Белгија, министерот за економија Бесими вети интензивирање на разни економски проекти во регионите кои се опфатени со иселување. Бесими додаде дека со проектите ќе се подобри регионалната и локалната инфраструктура како и реновирањето на училиштата, отворање на нови амбуланти и создавање на услови за започнување на бизнис во липковско - кумановскиот регион.
|