|
 Време е да се биде сериозен и неважните прашања да се стават на страна. Името да се реши во следните неколку месеци - вака гласи најновата порака на администрацијата на Обама, која ја пренесе американскиот амбасадор Рикер. Ова е трета директна порака на Рикер во месец и половина. Вашингтон останува на ставот дека токму сега и токму оваа пролет е вистинското време за решение. - Ова е многу важна пролет за Македонија. Ќе треба да се демонстрира храброст и лидерство за решавање на ова прашање. Време е да се биде сериозен, да се тргнат на страна сите неважни прашања и да се фокусираме на она што треба да се направи во наредните месеци - изјави Филип Рикер во Штип. Претходно, еврокомесарот Фуле ни даде рок до јуни, најавувајќи проблеми доколку името не се реши во текот на шпанското претседателство. Минатонеделната посета на Нимиц иако оптимистички најавувана, не донесе ништо радикално ново. Медијаторот по средбите во Скопје и Атина замина со констатација дека постојат големи разлики, но и дека, сепак, постои основа за решение.
Нимиц најави дека по средувањето на импресиите, ќе соопштел дали наскоро ќе доаѓа во регионот или ќе ги повика преговарачите на средба во Њујорк. Потврда за средба се уште нема. Заедничка средба меѓу него и двоецот Јолевски - Василакис, немало цели 9 месеци. Последната се одржа во јуни минатата година во Виена.
|