|
За мојот мандат одлучува Брисел |
|
|
|
Вести -
Македонија
|
|
Четврток, 02 Јули 2009 10:43 |
|
 Специјалниот претставник на Европската комисија во државава, Ерван Фуере, денеска изјави дека и понатаму останува во Македонија. Овие негови коментари доаѓаат по денешни медиумски информации во јавноста дека дел од државниот врв настојува по неговиот мандат, да заврши и оваа специјална мисија на ЕУ, која е воспоставена во Македонија од времето на конфликтот во 2001 година.
„Секоја одлука околу мандатот на специјалниот претставник на ЕУ е прашање на земјите-членки во Брисел, а не на некој тука. Така што, јас продолжувам да работам со мојот мандат, нè чека многу работа и ќе ја користам сета моја енергија за да го исполнам мојот актуелен мандат. Некои присуството на нашата мисија го поврзуваат со присуство во земја каде има криза. Тоа не е вистина. Специјалниот претставник на ЕУ е тука само да поддржува, да советува, да помага и да ги охрабрува сите реформи кои се потребни за една држава-кандидат каква што е Македонија.“ ВМРО-ДПМНЕ попладнево ги отфрли како невистинити информациите објавени во некои медиуми дека партијата бара прекин на мандатот на евроамбасадорот Ерван Фуере.
„Во врска со невистините објавени во некои од медиумите, а кои се однесуваат на тоа дека наводно ВМРО-ДПМНЕ бара прекин на мандатот на Ерван Фуере сакаме да потенцираме дека станува збор за чисти шпекулации и невистини.
ВМРО-ДПМНЕ заедно со партнерите од ЕУ ќе продолжи посветено и интензивно да работи на европските интеграции на Република Македонија и финализација на процесот на либерализација на визниот режим“ изјави портпаролот на партијата Александар Бичиклиски
|