|
 Петстотини тегли со македонски ајвар произведен во Охрид годинава ќе добијат за подарок сите учесници на 49 издание на фестивалот „Охридско лето“. Целта ќе биде промоција на домашната традиција и малку поинаков туристички поттик што повеќе да се посетува Македонија.
Уметниците кои годинава ќе настапат на Охридско лето нема да си заминат само со добар паричен надоместок и аплауз од публиката. Дома ќе си однесат и по една тегла македонски ајвар. Од овој специјалитет од пиперки ќе пробаат сите врвни уметници. Ќе се поделат 500 тегли од овој специјалитет. За впечатокот да биде целосен учесниците ќе си добијат и по едно шише црвено вино.
„Ајварот е домашно производство бидејќи станува збор за правиот македонски ајвар. На ајварот ќе биде логото на фестивалот Охридско лето заедно со виното кое ќе го има и оваа година“ вели Тони Симоновски, директор на „Охридско лето“.
Италијанскиот композитор Енио Мориконе, кој ќе биде ѕвезда ова лето, бил воодушевен од вкусот на ајварот бидејќи веќе еднаш пробал од него. Тој на 11 јули ќе слета на охридскиот аеродром, а настапот му е веднаш следниот ден на отворањето на ова 49 издание на манифестацијата.
. Доколку времето не се погоди, тој со концертот ќе диригира во спортската сала Билјанини извори. Но, ајварот и виното нема да ги проба само тој, туку и познатиот светски пијанист Борис Березовски, виолинистката Мидори, членовите на познатиот Европски камерен оркестар и Един Карамазов, светски гитарист кој соработувал со познатиот Стинг. Тегличка со себе ќе однесат и акапела атракцијата Свингерс сингерс.
|